Monday, November 5, 2018

Пријателска тага




Колку сила ќе ми треба
да можам да го ставам на терезијата
сето она што од вас сум го зел?
од вашето месо што дел е
од вашите гласови што
мене цел ме изѕидале!

Колку ли товар носиме сите
кон последниот крај, од врв во јама
што житно поле не е
и бродови на хоризонтот што само се појавуваат...
сонот е возвишување бескрајно
рака подадена од странец често!

И дел си од мене!

А кога моето време ќе дојде
и скелетот на бескрајна змија
ќе ги уништи сплавовите за спасување
шепни ми тивко, нечујно, и дај ми надеж
оти ќе се најдам сам и исплашен насред 'ржно поле
моето време е сега
и скелеџијата чека

И дел сте од мене!

Мигот бдее над нас
ги помнам сите скалила кои ги изодевме
заедно, силно, сложно
ги чува, сите пердуви од крило отсечено
од птица која нема да вкуси смрт
песочните срнца ѕвонат
зад мене стоите сите сега молкум

И дел сум од вас!

Кажете ми,колку сила ќе ми треба?
и ве оставам ли на крајот на цедило?
оти колку и да се надеваме
светлината е лажна и подмолна
пердувите натопени со восок растопен се
дланките мои се тресат полиени со пепел и крв
тагата ваша ме следи неизбежно завек

И дел сум од вас!

'Ржта има крај, кајшто полето и небото се љубат -хоризонт!
гласот ваш здружен е хор - песна за збогум
мастилото привршува - зборовите секнуваат
Терезијата се распаѓа
само кога би ја имале волјата за доста...
уште еден поглед кон сите вас...
...гласовите ваши ме изѕидаа...

No comments:

Post a Comment